Стартува и новата сезона во ракометната Лига на шампиони – Без македонски тим по пауза од 22 години

Денеска тргнува и новата сезона во ракометната Лига на шампиони, каде што по пауза од 22 години нема да има македонски тим.

Вардар не ја доби дозволата од ЕХФ за настап, па затоа ни останува како неутрални фанови да ја проследиме оваа сезона во која останатите клубови ќе се обидат да ја урнат Барселона од тронот.

Јасно е дека Каталонците се меѓу најтесните фаворити за титулата, но тука се и великаните како Кил, Веспрем, па и богатиот ПСЖ, но оваа сезона се очекува многу и од Алборг.

Данскиот тим којшто е предводен од легендата Микел Хансен има сериозни вложувања и ќе се обиде да им парира на најдобрите во оваа сезона.

Првите две средби се играат од 18:45 часот, каде што Кил ќе го пречека Елверум, додека Пик Сегед ќе ги одмери силите токму со Барселона.

Веќе е добро познато дека клубовите се поделени во две групи со по осум тима, а најдобрите два обезбедуваат директен настап во четврт-финалето, додека од третото до шестото место ќе играат во осминафиналната фаза.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести