Бока Јуниорс е новиот првак во фудбалското првенство на Аргентина, откако во неверојатна завршница во последното коло, тимот од „Ла Бонбоњера“ експлодираше од славје, иако одигра само 2:2 против Индепендиенте.
Бока на крајот заврши со 52 бодови, два повеќе од Расинг, кој во последното коло дома загуби од Ривер плејт со 1:2. Расинг може да жали што не е првак на Аргентина, затоа што завршницата беше како во режија на Алфред Хичкок.
Во последното коло Бока имаше еден бод повеќе од Расинг и едноставно со победа дома над Индепендиенте немаше да зависи од никого. Сепак, гостите први дадоа гол, а Бока до полувреме израмни на 1:1. На почетокот на вториот дел, Бока поведе со 2:1 и беше во пол-ползиција, но во 82 минута нов шок за навивачите на Бока, откако гостите израмнија на 2:2.
Во исто време, Расинг играше 1:1 против Ривер плејт, а во 89 минута беше досуден пенал за домаќините. Расинг имаше шанса да даде гол за 2:1 со кој ќе стигнеше до победа и три бода, за шампионска титула. Сепак, голманот на Ривер плејт успеа да го одбрани пеналот во 90 минута и остана 1:1.
Ерупција од радост беше на „Ла Бомбоњера“ кога слушнаа дека голманот на Ривер го одбранил пеналот во 90 минута.
Το Μπομπονέρα πανηγυρίζει γκολ της Ρίβερ. Επικό!#Locura #BocaJuniors #RiverPlate pic.twitter.com/FVZhJLA4WR
— Vagelis Lykakis (@vagslyks) October 23, 2022
Расинг се обиде да даде втор гол, но наместо тоа, во финишот Ривер успеа да погоди и на крајот да слави со 2:1. Со тоа, одбранетиот пенал на голманот на Ривер плејт при резултат 1:1 во 90 минута, беше клучен за Бока јуниорс на крајот да биде првак на Аргентина.
Ова е 35 титула за Бока јуниорс и сега има само две помалку од рекордот на Ривер плејт.