МЗТ Скопје Аеродром ги разочара своите навивачи и дома загуби од Морнар со 77:94, во меч од шестото коло на АБА-лигата. По овој пораз, македонскиот првак останува само со една победа по шест кола.
Аеродромци добро почнаа и поведоа со 5:0 и 11:6, но потоа гостите со мини-серија од 6:0 првпат дојдоа во предност. Сепак, аеродромци брзо ја вратија позитивата која најмногу изнесуваше 7 разлика (21:14).
Домаќините ја имаа контролата на резултатот до средината на втората четврина (34:28), кога гостите со серија од 11:1, поведоа со 39:35, но на полувреме се замина со плус три за македонскиот првак.
Последните неколку минути од третата четвртина очајни за МЗТ. При водство од 54:53, гостите направија серија од 14:3 и првпат поведоа со 10 разлика (67:57). Тоа беше знак дека се распадна играта на МЗТ.
Морнар водеше и со 80:68 на пет минути до крајот, а во 37-мата минута гостите ја имаа и највисоката предност од 14 разлика 86:72, па беше јасно кој ќе се радува на крајот.