Порази за екипите од Лос Анџелес, на Џејмс ова му се случува само втор пат во кариерата

Лос Анџелес лејкерс на свој терен беше поразен од Кливленд кавалирс со 100-114, а тоа за Коњаниците е осма победа по ред, додека Езерџиите имаат скор 2-7 и се претпоследни на табелата во Западната конференција во НБА-лигата.

За суперѕвездата Леброн Џејмс ова е само втор пораз во 19 меча против тимот од градот во кој порасна и првпат играше во НБА. Џејмс од Кливленд загуби само уште во 2011 година, кога го носеше дресот на Мајами хит.

Кавалирс има осум победи по ред, последен пат такво нешто се случи во 2017 година, кога за нив играше Леброн Џејмс. Без Џејмс во составот, Кливленд последен пат играл плејоф уште во 1998 година.

Леброн синоќа на своите им даде 27 поени, но Лејкерс не можеа да излезат на крај со Донован Мичел, кој уфрли 33, и Дариус Гарланд, кој им даде 24 поени.

Дома загуби и другиот тим од Лос Анџелес, Клиперс. Пол Џорџ со 34 поени беше предводник на Клиперс, но тоа не беше доволно за победа над Јута. Џезерите славеа со 110-102, а Клиперс во последната четвртина ги утна сите 11 обиди за тројка.

Домашниот терен го искористија Торонто против Чикаго за победа од 113-104 и Мемфис, кој триумфираше против Вашингтон со 103-97.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести