Рамос не можеше да молчи и проговори откако беше изоставен од мундијалскиот тим

На Серхио Рамос не му се исполни желбата да игра и на петтото Светско првенство, откако не беше повикан во составот на Шпанија за Мундијалот во Катар. Легендарниот дефанзивец има 180 настапи за Црвената фурија, но селекторот Луис Енрике го изостави од списокот со 26-мина фудбалери кои ќе играат на следниот планетарен собир.

Рамос беше разочаран од оваа одлука и реши преку социјалните мрежи да го каже своето мислење околу целата ситуација.

„Минатата сезона беше тешка за мене, поради повредите и адаптацијата во новиот клуб и новиот град. Дадов сè од себе, својата душа и тело, за да закрепнам и да се вратам на нивото на коешто бев претходно и нивото на кое се очекува јас да играм. За среќа, можам да кажам дека оваа сезона конечно се чувствувам дека повторно сум оној стариот и дека повторно уживам во фудбалот. Среќен сум што играм во сјаен клуб како што е ПСЖ. Светското првенство? Секако дека имав голем сон кој сакав да ми се оствари. Тоа беше да можам по петти пат да играм на Мундијалот, но, за жал, СП ќе го гледам од дома. Тешко ми е, но повторно сонцето ќе изгрее, ќе дојде добро утро. Нема да се менувам. Ниту својот менталитет, ниту страста, ниту желбата и посветеноста да мислам на фудбалот 24 часа на ден. Сакав да споделам за тоа како се чувствувам. Благодарам на сите за поддршката која ја добив во претходните денови. Пред мене постојат уште предизвици и цели. Се гледаме наскоро, напред Шпанија!“, беше пораката на Рамос, кој со Шпанија се радуваше на Светската титула од 2010 година, а двапати беше и европски првак на континенталните собири во 2008 и 2012 година.

- Оглас -

Најнови вести