Леброн Џејмс даде чуден одговор на прашањето дали го одигра последниот меч во НБА-кариерата

Со поразот на Лос Анџелес лејкерс на гости кај Денвер нагетс заврши сезоната за Езерџиите. Тимот од ЛА е елиминиран со 4:1 во победи од актуелниот првак, а тоа значи дека легендарниот Леброн Џејмс ја заврши и 21-вата сезона во најсилната кошаркарска лига во светот.

Џејмс во декември наполни 39 години, но на теренот не делува дека овој ветеран има проблем да се носи со многу помладите од него. На последниот меч, Леброн на теренот помина 44 минути (најмногу во неговиот тим) и беше на чекор од трипл-дабл со 30 поени, 11 асистенции и девет скока.

Во петте меча против Денвер, Леброн во просек на терен поминуваше над 40 минути, што е најмногу за него во плејоф-серија уште од 2018 година, кога играше за Кливленд. Против Денвер имаше просек од 27,8 поени по меч со реализација од 56,6 отсто од шутевите.

Најавите се дека Леброн Џејмс ќе продолжи да игра и во следните две сезони во НБА, но на прашањето дали следната година ќе го гледаме на паркетот, кошаркарот остана резервиран.

„Го ценам вашето прашање, но одбивам да одговорам“, му рече Џејмс на новинарот кој го праша дали тоа беше неговиот последен натпревар. Леброн потоа продолжи со одговорот: „Само сакам да се вратам дома кај семејството. Искрено, едно од моите деца размислува да се вклучи на НБА-драфтот или да се врати во училиште. Уште еден од нив игра во ААУ кошарката, а мојата ќерка игра одбојка. Мојата жена прави толку многу добри работа. Сега се работи за семејството. Потоа, за неколку месеци ќе отидам во тренинг-кампот во Лас Вегас. Морам да го одморам телото пред почетокот на Олимписките игри“, рече Џејмс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести