Тен Хаг го прекина одморот и побара од газдите на Манчестер јунајтед да го избркаат Роналдо

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, им порачал на сопствениците на клубот од „Олд Трафорд“ дека Кристијано Роналдо повеќе не треба да игра за Црвените ѓаволи, пренесува американската Телевизија ЕСПН.

„Тен Хаг сака Роналдо да го напушти клубот уште во јануари идната година бидејќи Португалецот со интервјуто се обиде да го наруши единството во тимот“, објави ЕСПН.

Роналдо пред два дена имаше интервју со познатиот англиски новинар Пирс Морган во кое изјави дека се чувствува изневерен од Манчестер јунајтед и истакна дека се обиделе да го избркаат од „Олд Трафорд“.

Португалецот исто така рече дека не го почитува Тен Хаг бидејќи тренерот не покажал почит кон него и додаде дека семејството Глејзер, кои се сопственици на Манчестер јунајтед, не се заинтересирани за спортските резултати и успеси на клубот туку ги интересираат само парите и заработката.

Тен Хаг поради интервјуто на Роналдо, го прекина одморот и имал средба со еден од газдите, Џоел Глејзер, како и со директорите на тимот, Ричард Арнолд и Џон Муртог, и им порачал дека не го сака повеќе Португалецот во тимот.

Лути се и останатите фудбалери на Јунајтед, а тоа го покажа Бруно Фернандеш пред тргнувањето на репрезентацијата за Катар, кога едвај му пружи рака на Роналдо.
Клубот во моментов размислува кои процедури согласно законот и прописите може да ги покрене против Роналдо.

Роналдо има договор со Манчестер јунајтед до јуни идната година, а сезонава за Црвените ѓаволи одигра 16 натпревари и постигна три гола и имаше две асистенции.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести