Лигата на шампионите во женска конкуренција се игра без застој, иако во тек е машкиот фудбалски Мундијал, а денеска има четири натпревари, два од нив европски класици.
Во првиот Арсенал ќе игра со Јувентус на „Емирејтс“ во Лондон, во дуел на двете непоразени екипи во Ц групата во луксузното натпреварување за дамите.
Во претходното трето коло во фазата по групи, Јувентус и Арсенал одиграа 1:1 во Торино.
Мечот ќе се игра од 21 часот, а претходно од 18.45 часот Лион ќе му биде домаќин на Цирих и е апсолутен фаворит за победа.
По три кола во Ц групата Арсенал е лидер со 7 бода, пред Јувентус со пет, Лион со 4 и Цирих е без бодови.
Второто големо дерби е во Д групата, исто така од 21 часот, а во Минхен на „Алијанц арена“ Баерн и е домаќин на Барселона.
Барселона во женскиот фудбал има поголем рејтинг од Баерн и девојките од Шпанија преклани беа европски шампионки прекинувајќи ја серијата на Лион од пет едноподруго триумфи во ЛШ.
Од 18.45 во истата група Розенгард во Малме ќе и биде домаќин на Бенфика, а овој меч ќе го суди Македонката Ивана Пројковска.
Без пораз и реми, со сите три победи досега Барселона е прва во групата со 9 бода, пред Баерн со шест, Бенфика со три и Розенгард без бодови.