Фени со 19 тројки го победи Пелистер во Охрид

Фени индустри со гостинска победа над Пелистер од 90:86, ја отвори новата година во македонската кошаркарска прва лига. Кавадарчани доминираа во првата четвртина која ја добија со 30-19, иако битолчани почнаа подобро и водеа со 8-3. Сепак, после 12-8 по шест минути игра, Фени за неполни три минути направи серија од 14-0.

Кавадарчани последната четвртина ја почнаа со убедлива предност од 76-60, но битолчани не се предаваа, и во финишот внесоа неизвесност. При 84-86, Херис утна шут за тројка, па Фени преку Фандербурк зголеми на 88-84. Фени се врати на плус четири кога Пајиќ погоди две слободни на 16 секунди до крајот, и „зелено-белите“ веќе не успеаја да ја загрозат седмата победа на Фени во 11-тиот настап сезонава.

Средбата се играше во салата „Билјанини извори“ во Охрид, бидејќи во Битола, во салата нема греење и не може да се постигне бараната температура од минимум 12 степени. Од МКФ во последните кола инсистираат дека еден меч не може да се игра ако делегатот пред мечот измери температура пониска од 12 степени.

Најдобри кај Фени беа Петровски (23 поени и 8 асистенции), Фандербурк (18 поени), Мајер и Пајиќ со по 16 поени. Клучен елемент беа 19-те тројки на Фени (од 43 обиди), десет повеќе од противникот. Кај Пелистер, се истакна Билер со 34 поени и 11 скока.

Од 18 часот играат Куманово – Вардар и Кожув – Гостивар, утре е дербито МЗТ Скопје – Блокотехна, додека Работнички и АВ Охрид ќе се сретнат во среда. Слободен е Шкупи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести