Прекрасна ракометна самба прикажа бразилската ракометна репрезентација, а фуриозната игра не им легна најдобро на Хрватите, кои го претрпеа првиот пораз на Мундијалот, во многу незгоден момент.
Бразил со сигурна и ефектна игра славеше со 29:26 и ги освои првите бодови во новата фаза по групи. Бразилците водеа од почеток до крај, најмногу со шест голови разлика и комплетно го надиграа фаворитот.
Првиот дел заврши со предност на аутсајдерот со 17:13, а Хрватска се закани во финишот, кога намали на 25:26, но Бразилците не дозволија пресврт и победија со три голови разлика.
Лангаро беше недофатлив за одбраната на „коцкестите“, бомбардираше од сите позиции и со 9 голови го предводеше Бразил до првата победа во втората фаза по групи. Боргес постигна пет гола во сензационалниот триумф на „кариоките“.
Кај Хрватска Дувњак беше прв стрелец со шест погодоци, а Штрлек, Хорват и Степанчиќ по петпати се запишаа во листата на стрелците.
Во уште еден меч од 18 часот, но од втората група, Унгарија го победи Тунис со 26:21.