Франсиско Консеисао е „чудото од дете“ кое во индина треба да прерасне во фудбалска ѕвезда, барем таква иднина му предвидуваат во Порто. Франсиско е син на тренерот на „змејовите“, Сержо Консеисао, кој и како играч им беше миленик на навивачите на португалскиот гигант. Сега како тренер многу ветува, минатата сезона ја освои шампионската титула, додека неговиот шеснаесетгодишен син го сметаат за „новиот“ Меси.
Од гените нема бегање, Сержо во свое време беше одличен дриблер, но она што го покажува Франсиско, го прави стратегот на Порто да личи на просечен играч. Зошто велат дека е „новиот“ Меси? Левата му е посилна нога на Франсиско, дрибла како Аргентинецот, на сличен начин шутира, а и со фризурата наликува на младиот Меси.
Франсиско веќе ги импресионира Португалците со редовните одлични настапи во младинската лига, а игра и за тимот на Порто до 18 години кој се натпреварува во младинската Лига на шампиони.