Силекс го победи Шкупи и не дозволи скопјани да бидат нови лидери на табелата

Силекс со 2:1 славеше над Шкупи во дербито на 20 коло во Прва македонска лига. Кратовци имаа само една победа во последните 15 средби против Шкупи, но денеска покажаа дека на свој терен секогаш ја имаат улогата на фаворит.

Стефан Милосавлјевиќ по само четири минути донесе водство за Силекс, а Марко Ѓорѓиевски зголеми на 2:0 по само половина час игра. Тоа беше и резултат по првиот дел.

Во второто полувреме Шкупи тргна поофанзивно и гостите преку Данфа намалија на 1:2 во 57 минута. До крајот на дуелот Силекс успеа да ја одбрани позитивата и ги освои трите бода.

Шкендија во Тетово со гол во второто полувреме стигна до триумф од 1:0 над Победа, а еден гол беше доволно и за победа на Брегалница на гости кај Работнички. Николов уште во четвртата минута погоди и тоа се покажа како клучен момент.

Голови немаше на средбата меѓу Скопје и Тиквеш. Вчера Струга ТЛ одигра без голови против Македонија Ѓорче Петров.

Табела: Струга ТЛ 39 бодови, Шкупи 37, Шкендија 31, Силекс 29, Тиквеш 28, Брегалница 25, Македонија ЃП 21, Работнички 21, Академија Пандев 15, Победа 13, Скопје 13.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести