СТОП ЗА СРАМНИОТ И НЕЕВРОПСКИ ЗАКОН ЗА ИГРИ НА СРЕЌА! Чии агенди исполнуваат Ковачевски и Бесими, прашуваат спортските обложувалници

Законот за игри на среќа кој Владата го криеше конечно e обелоденет. Овој предлог кој е доставен до Собранието е најлошиот предлог кој во историјата на државата бил предложен, а содржината, новите членови, давачките, условите за лиценцирање, монополизирањето на интернетот, оддалеченоста се целосно неприфатливи, реагира денеска Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ).

„Овој закон е неуставен, монополски, дискриминирачки и како таков воопшто не може да биде предмет на расправа. Бараме тој веднаш да се повлече и го отфрламе во целост. Неверојатно е дека и покрај сите апели на меѓународната заедница и евроамбасадорот Гир, Владата повторно насила, без дебата и спротивно на легислативата сака да донесе закон со европско знаменце.

Ова се прави само со цел да се избегне редовна постапка во која би биле разобличени целите, а апсурдноста на самиот закон би излегла на виделина. Како Асоцијација, ова нема да го дозволиме и најавуваме жесток отпор на ова насилно, недемократско и неевропско однесување на Владата.

Уште еднаш јавно прашуваме, зошто бегате од јавна дебата? Како може закон кој има несогледливи финансиски и економски реперкусии да се носи без дебата во комисиите за финансирање и буџет каде што треба да се еволуираат овие закони? Зошто бегате од соочување со претставниците на индустријата ако сте сигурни во своите предлози? Отворено прашуваме, чии интереси штитите или подобро што се крие зад оваа апсурдна идеја за насилно затворање на една легална индустрија?“, се наведува во реакцијата на Асоцијацијата.

Асоцијација на спортски обложувалници во Македонија ги повикува пратениците од Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, Арта Билали-Зендели, Моника Зајкова, Зеќир Рамчиловиќ, Снежана Калеска-Ванчева, Фаница Николоска, Лолита Ристова, Жаклина Пешевска, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Антонијо Милошоски, Миле Лефков, Мерита Колчи-Коџаџику, Халил Снопче да не гласаат за измените на Законот за игри на среќа и да ги отфрлат бидејќи сметаат дека се со цел да згаснат една цела легална гранка и да овозможат цут на сивата економија.

„Нема ниеден основ по кој овој закон треба да биде во таа комисија освен заради брзо гласање и мнозинство за тој да помине. Јавно ве покануваме да се изјасните против европско знаменце бидејќи нема ниедна причина овој закон да биде донесен во таква постапка. Немој да бидете заложници за нечии скриени интереси и во име на европскиот пат на земјата немојте да изгласате неевропски закон!“, истакнуваат од АСОМ во обраќањето до пратениците.

Асоцијацијата бара од пратениците во Собранието да бидат чувари на процесот на демократија и усогласување на законодавството на Република Северна Македонија со законодавството на Европската Унија, а не гласачка машина за остварување нечии желби на штета на граѓаните.

Од АСОМ наведуваат дека постојат правни докази со кои може да се констатира дека европското знаменце се злоупотребува од страна на потписниците на оваа изјава. Предлог-законот не го прати коресподентна табела во која јасно и на недвосмислен начин ќе се види кој дел од наведената директива во кој член од предлог-законот е транспонирана, односно пренесена.

„Посочуваме дека на овој факт особено внимание треба да обрнат членовите на Комисијата за европски прашања при Собранието. Предупредуваме дека праксата на усогласување на законите со правото на ЕУ не повлекува само давање на изјава туку и подготовка на коресподентна табела за пренесување на одредбите од ЕУ директивите во законите кај нас.

Апелираме дека злоупотребата на европското знаменце употребено во овој закон ќе даде искривена слика за транспонирањето, односно пренесувањето на ЕУ регулативата CELEX 32014H0478. Предлагачот на законот не може да ја транспонира оваа ЕУ регулатива од причина што со овој предлог-закон тежнее кон автократски режими во кои интернет-просторот се забранува, наместо како што укажува ЕУ регулативата CELEX 32014H0478, да се регулира, т.е. да се воспостават правила при приредувањето на општите и посебните игри на среќа преку интернет.

Почитувани пратеници, вашите одлуки и вашиот глас се во име на граѓаните кои ви го дале мандатот, кои ве плаќаат и кои ги застапувате. ЕУ досега во повеќе наврати предупредува европското знаменце да не се злоупотребува, сега имате можност да докажете чии интереси застапувате. Дали на граѓаните или нечии други интереси кои се на штета на сите нас.

Како Асоцијација сме подготвени за отворена за дебата бидејќи нашата единствена цел е да се изнајде законско решение прифатливо за сите засегнати страни. Најавените измени во неколку наврати ги дефиниравме како неприфатливи и кобни за индустријата на игри на среќа, затоа доколку тие се донесат, ќе излеземе на масовни протести. Покрај тоа, овој закон е опасен и за играчите и широко ги отвора вратите за сивата економија.

Премиере Ковачевски, министре Бесими? Чии агенди исполнувате? Зошто законот го криевте? Зошто бегате од јавна дебата? Зошто се залагате за уништување на една легална гранка, која преку даноци и давачки го полни државниот буџет? Зошто сакате и се залагате 10.000 граѓани да оставите на улица без работа и од нив да направите социјални случаи? Во чиј интерес е законот шверцерски да го донесете со злоупотреба на европското знаменце?“, прашуваат од Асоцијацијата.

Покрај оддалеченоста од 500 метри на објектите од училиштата поткрепена со наводната заштита на младата популација, законот содржи измени кои се нелогични и неуставни, многу сериозни финансиски импликации за оваа индустрија. Со измените Владата сака двојно да ги зголеми давачките за лиценци и нови уплатни места, што води кон затворање на индустријата.

„Затоа бараме измените на Законот за игри на среќа, кои се испратени до Комисијата за европски прашања да се повлечат затоа што: Законот е за затворање на индустријата за игри на среќа, законот е дискриминирачки, законот е неуставен, законот е монополски. Законот единствено е во корист на криминалот и на коцкањето на црно“, нагласуваат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести