Во 2007 година, Бојан Кркиќ имаше само 17 години кога доби шанса да дебитира за сениорскиот тим на Барселона. Со ова деби, Кркиќ го сруши рекордот на Лионел Меси од 2004 година и многумина очекуваа тој да биде новата голема ѕвезда на каталонците.
Кркиќ со Барселона ги освои сите највредни трофеи, но неговата кариера не напредуваше како што се очекуваше. Си замина од „Камп Ноу“, па играше за Рома, Милан, Ајакс, Алавес и Висел Кобе. Потоа се повреди, а од јапонскиот тим решија да му ко раскинат договорот.
Фудбалерот кој не стекна светска слава како што се најавуваше, брзо се фокусираше на нова работа, која нема допирна точка со фудбалот. Тој од порано беше познат како голем љубител на велосипедизмот, па сега реши задоволството да го спои со работата.
Заедно со неговиот некогашен соиграч Андрес Иниеста, Кркиќ ја отворија фирмата Гуава Спорт, за произведување на луксузни велосипеди за ридски терен. Засега има само еден велосипед од оваа фирма и тој чини 7.000 евра.
„Кога влегов во овој проект, знаев дека ќе продолжам да се занимавам со велосипедизмот. Тоа е добра комбинација на спорт и дружење. Наскоро би можел дури и да увествувам во некои трки. Мислам дека сум подготвен. Отсекогаш сум го сакал овој спорт, а во последните пет години сериозно го тренирам“, рече Кркиќ.