Раул: Со рака на срце велам дека македонските навивачи се најдобри на светот!

Шпанскиот ракометен тренер Раул Гонзалес, кој во 2017 година со скопскиот клуб Вардар ја освои титулата во Лигата на шампионите, вели дека и денеска, шест години по тој историски триумф, не може да го опише убавото чувство кое го имал тогаш.

„Во 2014 година го презедов Вардар и тоа се покажа како неверојатно искуство за мене. Во Скопје работите ‘кликнаа‘. Во 2016 бевме елиминирани од Фленсбург и за малку не отидовме на фајнал-фор, но следната сезона беше како на филм. На фајнал-форот ги победивме и Барселона и ПСЖ со по еден гол разлика, не знам како да го опишам чувството дури ни сега, иако поминаа шест години. Не бевме фаворити, но успеавме. Во Македонија беше тотално лудило, 90 проценти од луѓето го гледаа мечот“, вели Раул во интервју за ЕХФ.

Гонзалес беше и македонски селектор.

„Знам колку им значи ракометот на луѓето во Македонија. Кога се вративме во Скопје, над 100.000 луѓе излегоа на улица да нè поздрават и да слават со нас. Со раката на срцето се колнам дека македонските навивачи се најдобри на светот“, додава Гонзалес.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести