Зинедин Зидан веќе има договорено нов тренерски ангажман, пренесуваат повеќе странски медиуми. Легендарниот француски фудбалер во тренерската кариера досега има предводено само еден клуб, а тоа е Реал Мадрид. Популарниот Зизу прво работеше како помошник-тренер, потоа беше прв тренер на Б тимот на Реал, а во 2016 година дебитираше како стратег во сениорскиот фудбал.
На чело на Реал Мадрид беше до 2018 година, а потоа си замина, па во 2019 година повторно беше вратен на клупата. Остана до 2021 година, а откако си замина, речиси две години е без ангажман.
Се очекуваше Зидан да биде нов селектор на Франција, но откако му беше продолжен договорот на Дидие Дешан, стана јасно дека следниот ангажман ќе му биде на клупско ниво.
Се најавува дека Зидан од јуни ќе биде промовиран за нов тренер на Пари Сен Жермен и ќе го наследи Кристоф Галтие, кој сега е на клупата на францускиот првак. Зидан како тренер на Реал Мадрид освои три титули во Лигата на шампионите, додека ПСЖ уште сонува на трофеј во елитното клупско европско натпреварување.