Женската фудбалска репрезентација на Македонија за фудбалерки до 17 години доживеа нов, трет, пораз на квалификацискиот турнир во Португалија. Денес нашите фудбалерки загубија од Унгарија со 7-0. Со истиот резултат нашите фудбалерки беа поразени и од домаќинот Португалија, додека од Германија беа поразени со рекордни 13-0.
Групата ја завршивме на последното, четврто место без бодови, без даден гол и 27 примени голови на три натпревари. Тоа значи и испаѓање во Б дивизијата, односно во претквалификациите, како што беа познати овие турнири во минатото. Репрезентацијата на Германија обезбеди пласман на Европското првенство.
Поразот од Германија во овие квалификации беше највисок во историјата на која било наша У-17 генерација. Досегашниот највисок пораз беше 12-0 од селекцијата на Швајцарија во 2013 година на квалификацискиот турнир кој се одржа во Каварна, Бугарија.
Репрезентациите до 17 години досега имаат одиграно вкупно 54 официјални натпревари, на кои забележале само 9 победи, два натпревари завршиле нерешено, а на 43 сме биле поразени. На сите овие натпревари У-17 репрезентацијата постигнала 39 гола, а примила 258.