Данска ги обединува титулите, Норвешка во атак на првата светска круна

Данска е фаворит во финалето против Норвешка во обидот на двете селекции да се крунисаат во светски ракометни шампиони, за првпат во нивната историја.

Данците ги имаат во колекцијата сите вредни трофеи од големите натпреварувања, освен светската круна и ќе ја имаат и предноста да играат на домашен терен, во Хернинг од 17,30 часот. Тие беа европски прваци во 2008 и во 2012 година, а имаат и златен медал од Летните олимписки игри во 2016 година.

Микел Хансен и соиграчите играа во финалето на две од послендите три Светски првенства, а Франција и Шпанија не им дозволија да се искачат на тронот. Данците играа уште едно финале во 1967 година кога тогашна Чехословачка ги победи со 14:11 во мечот за титулата.

На турнирот што го орагнизираат заедно со Германија играат во голем стил и нанижаа осум победи, меѓу нив и против Норвежаните со 30:26. На тој меч блескаше најдобриот играч на Данците Микел Хансен со 14 голови.

Но, овој меч има сосема нова димензија, Норвежаните покажаа дека имаат калибар за светска титула и ќе бидат тврд орев во второто финале на Мундијалите за нив. На минатото СП преголема пречка за нив беа Французите, а сега во Скандинавска пресметка Сагосен и соиграчите ќе се обидат да го донесат во Норвешка првиот светски трофеј со златен сјај. Досега немаат финалиња на европските првенства, ниту на олимпијадите, а најголем дострел им е среброто од СП во 2017 година.

Од 14.30 часот Германија и Франција ќе играат меч за бронзен медал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести