Поранешен бразилски репрезентативец за Сампаоли: “Што има направено тој во кариерата?“

Поранешниот бразилски репрезентативец Хозе Фереира Нето сега е телевизиски водител и отворено ја критикуваше одлуката на Фламенго да го назначи за тренер Аргентинецот Хорхе Сампаоли.

„Што има тој направено? Освоил првенство на Минеиро (н. з. првенство на бразилската држава Минас Гераис). Тоа и мојата мајка ќе го освоеше, но Сампаоли чини милиони“, започна Бразилецот, а потоа и продолжи во негов стил:

„Зеде милиони во Сантош, Атлетико Минеиро, Марсеј и Севиља и сега тој треба да биде решение за Фламенго? Тој не знае ништо за фудбалот. Беше вицешампион на Бразил со Сантош, изгуби во Купот на Бразил, изгуби сè. Остави пустош во Марсеј“.

Нето има 15 настапи за репрезентацијата на Бразил и има постигнато пет гола. Активно играше фудбал од 1983, па сè до 2000 година. Од друга страна, Сампаоли беше селектор на Чиле и Аргентина, а од клупата ги предводеше и Марсеј, Севиља, Атлетико Минеиро и Сантош.

Тој потпиша договор со Фламенго до летото 2024 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести