Ракометната репрезентација на Македонија ја совлада Турција со 30:27 и на најдобар начин го завери настапот на Европското првенство кое во јануари идната година ќе се игра во Германија.
Селекторот Кирил Лазаров им честиташе на своите ракометари за победата и најави дека во иднина нема да дозволи повторување на исти грешки во играта како и дека ќе размисли кого ќе повикува во националниот дрес.
„Ние бевме фаворити на хартија. Но, ова не е истиот тим на Турција со која игравме на гости, имаа доста нови играчи. Уште еднаш се покажа дека мора да бидеме ментално подготвени за секој противник. Одлика на големите екипи е да се вратиш од минус четири. Видов некои работи и во иднина ќе размислам кого ќе повикам во дресот на Македонија. Им верувам на сите, но сега ми се отворија очите бидејќи работи што се повторуваат треба да се решаваат. Честитки за момците бидејќи не е исто да завршиш со победа или со пораз. Доста работи ќе мора да менуваме во иднина“, изјави Лазаров.