Реал Мадрид полека, но сигурно се простува од борбата за шампионската титула во Шпанија откако вечерва загуби од Реал Сосиедад со 2-0 и сега заостанува 14 поени зад Барселона на пет кола до крајот на првенството.
Реал Мадрид на вечерашниов натпревар настапи без Бензема, Алаба, Камавинга, Менди, Модриќ и Винисиус јуниор, сите од различни причини. Исходот од овој натпревар можеше да се претпостави и тоа е знак дека Кралскиот клуб се предаде од потерата по Барселона, но сега под знак прашалник е доведено и второто место, бидејќи Атлетико Мадрид е трет на табелата само со поен помалку од Реал, но и натпревар помалку од Кралевите.
Резултатот го отвори Кубо во 47-мата минута, кога одлично ја искористи грешката на потесната одбрана на Реал Мадрид.
Конечните 2-0 беа дело на Андер Баренечеа во 85-тата минута, откако одлично продре по левата страна на теренот и прецизно стрелаше на поблиската статива од голот на Реал Мадрид.
Реал Мадрид од 61-вата минута играше со играч помалку, откако Карвахал беше исклучен поради втор жолт картон.
Реал Сосиедад со оваа победа е на чекор од обезбедување пласман во Лигата на шампионите бидејќи со 61 поен се наоѓа на четвртата позиција на табелата со осум бода повеќе од петтопласираниот Виљареал.