ТФТ Скопје влезе во полуфинале, а Куманово испадна од лига

ТФТ Скопје славеше над Еуро Никел со 73:59 во решавачкиот меч од четвртфиналето во плејофот, па скопскиот тим ќе ја продолжи борба за трофејот во првенството. Екипата на ТФТ го загуби првиот меч дома, но потоа го возвратија брејкот со победа во Кавадарци, за денеска стигнат до посакуваните 2:1 во победи.

Еуро Никел започна многу добро и поведе со 9:0, а по првата четвртина водеше со 14:8. Предноста на гостите беше задржана и на полувремето кога резултатот беше 29:26.

Во третата четвртина ТФТ успеа да поведе, но имаше само два поени предност по три четвртини, па јасно беше дека победникот ќе се бара во последната четвртина. Беше 53:51 кога ТФТ со серија од 11:0 стигнаа до 64:51 и потоа во ниту еден момент не ја испуштија двоцифрената предност.

Во плејаут лигата, Чаир славеше на гости кај Куманово со 81:72 и на тој начин го испратија домаќинот во Втора лига. Куманово цели 13 години беше дел од елитното кошаркарско друштво, а сега се сели во понизок ранг и тоа заедно со Струмица, која денеска загуби дома од ФМП со 92:102.

Утре се играат последните два четвртфинални дуели од плејофот. Пелистер дома е фаворит против Феникс, додека Гостивар на свој терен игра решавачки дуел против Работнички.

 

- Оглас -

Најнови вести