Одбојкарската репрезентација на Македонија под водство на новиот селектор, Јошко Миленкоски, влегува во завршната фаза од подготовките за настапот во Европската златна лига. Првиот натпревар го играме веќе в сабота и тоа на неутрален терен во Лоѓ (Полска) против селекцијата на Украина.
– “Работевме со дваесетмина одбојкари, а по денешниот ден за одмор, ќе продолжиме со четворица помалку. Влегуваме во завршна фаза од подготовките, па на тренинзите ќе им посветиме поголемо внимание на играчите коишто ќе го носат главниот товар. За Лоѓ во Полска каде што в сабота ќе го играме првиот натпревар со Украина ќе патуваат 14-мина одбојкари, така што дополнително ќе го скратиме списокот, но во ЦЕВ сите се пријавени за настап, па постои можност да менуваме и сигурно ќе го направиме тоа.“ – изјави селекторот Миленкоски.
Македонија во Европската златна лига е во групата Б заедно со селекциите на Украина, Белгија и Хрватска. Настап на завршниот турнир во Задар ќе обезбедат само првопласираните селекции од трите групи, кои ќе и се придружат на селекцијата на Хрватска која е домаќин. Сепак, во нашата група постои можност и второпласираната екипа да патува на фајнл-фор турнирот, но само доколку Хрватска го освои првото место.
Фото: Официјална ФБ страна на ОФМ