Дождот направи вистински хаос на тенискиот гренслем-турнир Вимблдон, па така некои играчи како Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер, Ига Швјонтек и Дарија Касаткина, веќе го минаа и второто коло и ги чекаат ривалите за третото, а има и такви кои уште не го почнале ни првото коло.
Организаторите во Лондон вчера одлучија да се игра само на двата покриени терени, па има ситуација дури 14-мина тенисери и тенисерки, меѓу кои и Александер Зверев, уште да го немаат започнато својот меч од првото коло.
Италијанецот Матео Беретини, кој е финалист од 2021 година, уште го нема завршено мечот од првото коло против сонародникот Сонего. Има девет меча од првото коло кои се почнати, но не се комплетирани.
Дури 103 тенисер(к)и чекаат ред за да почне нивниот меч од второто коло. Дополнителен хаос може да се создаде викендов, за кога се најавени нови врнежи.