Германскиот весник Билд тврди дека Јошко Гвардиол летово ќе потпише за Манчестер Сити и ќе стане најскапиот дефанзивец во историјата на фудбалот. Според нив, проблемот меѓу Лајпциг и Манчестер Сити се само 10 милиони евра.
Лајпциг бара фиксна сума од 100 милиони евра, а “граѓаните“ во моментов нудат 90 милиони евра фиксно и 10 милиони евра во бонуси, кои според раководството на бундеслигашот се нереално остварливи.
Од ваквиот трансфер раце трие и загребски Динамо на кого му припаѓаат 20% од заработката. Тие пред три години го продадоа Гвардиол на Лајпциг за 18 милиони евра и сега треба да добијат 20% од заработката која изнесува 82 милиони евра, што значело дека касата на шампионот на Хрватска ќе се наполни со 16.4 милиони евра.