Прободениот навивач на Левски излезе од болница и раскажа што се случувало во Чаир!

Бугаринот Драгомир Андонов (29), кој беше прободен со нож пред мечот помеѓу Шкупи и Левски, раскажа за хоророт кој го преживеал во инцидентот во населбата Чаир.

„Жив и здрав сум, излегов од болница, стојам на нозе, се враќам на нормалното секојдневие. Отидовме на шега, блиску е, соседна земја, сакаш да го бодриш омилениот клуб. Ние не сме од оние фанови кои прават проблеми, се дистанцираме од хулиганите и вандалите“, вели Драгомир во интервју за бугарската телелвизија „Нова“.

По границата, навивачите на Левски биле придружувани од полициски автомобили, но некои во колоната се движеле побрзо, други побавно.

„Имавме пуштено GPS. Тој го избира најкраткиот пат и почнавме да влегуваме во населба во која имаше доста луѓе по улиците, муслимани. Решивме да продолжиме, но не знаевме каде се наоѓаме, немаше полиција. Се движевме бавно, а сите бевме облечени во сино. Апсолутно никакви провокации не правевме. Сообраќајот стана поинтензивен, имаше семафор. Стоевме и чекавме. Јас седев позади и видов момче на околу 25-30 години како дојде до прозорецот и почна да ме тегне. Шалот ми беше на врат и тој се обиде да го земе. Кога почнав да се тргам, тој ми удри бокс во окото и продолжи да влече. Ја отворив вратата, и другите решија да излезат, а почнаа да се собираат луѓе зад момчето, еден од нив извади штица со која ме удри по главата, имам три конци на главата“, опишува навивачот на Левски.

Драгомир во прв момент не ни знаел дека е прободен со нож.

„Почнаа да доаѓаат уште луѓе. Целата ситуација траеше помалку од 2 минути. Се фрлаа секакви работи по нашиот и другиот автомобил, ни беше скршен задниот прозорец. Страшен шок. Главата ми крвавеше, од адреналинот не сфатив дека сум прободен. Заставаме да видиме какви се штетите и видов дека целата маица ми е мокра и од сина станала кафеава. Видов дека има многу крв и прободна рана од задната страна. Едното момче кое беше со нас е лекар. Тој ми даде прва помош. Баравме полиција. Пред болницата сум загубил свест“, вели тој.

На крај, Драгомир му благодари на персоналот во болницата во центарот на Скопје, каде што беше опериран.

„Бескрајна благодарност за тоа кое го направија. Ме преврзаа и непрекинато ја следеа мојата состојба“, завршува Бугаринот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести