Кадетската репрезентација на Македонија ја совлада Унгарија со 22-20 на Светското ракометно првенство во Хрватска и ќе се бори за пласман на деветтата позиција на конечното рангирање.
Македонија веќе го има обезбедено најдобриот пласман на светските првенства во кадетска конкуренција бидејќи најдобриот пласман ни беше на 15-тата позиција на првенството во Скопје во 2019 година.
Дуелот против Унгарија донесе многу неизвесност. Првиот дел заврши нерешено 12-12, но во финишот на мечот успеавме да дојдеме до клучната предност од 21-17, што знаевме да ја сочуваме до самиот крај.
Во селекцијата предводена од селекторот Раде Стојановиќ најефикасни беа Калајџиески и Петковски со по пет гола, додека Ристевски додаде четири.
Противник на Македонија во борбата за пласман на деветтата позиција ќе ѝ биде соодветната селекција на Чешка.