Кадетската репрезентација на Македонија ќе има историски пласман на Светското првенство во Хрватска и утре ќе разигрува за деветтото место против Чешка. Денес совладана беше четвртопласираната селекција во оваа генерација од последното Европско првенство, Унгарија, со 22-20, а македонската публика на трибините во Копривница тоа го награди со аплауз.
А, кадетите аплаузите ги заслужија не само од публиката во Хрватска туку и од цела Македонија. Покажаа борба, победуваа, за малку ни побегна четвртфиналето по оној несреќен пораз на стартот од Норвешка (25-27), но покажаа и голем патриотизам и љубов кон Македонија.
Организаторот на првенството, Хрватска, на сите репрезентации им отстапи брендирани автобуси со логото на првенството и името на државата, а за нашите кадетски репрезентативци оваа држава има само едно име, МАКЕДОНИЈА.