Килијан Мбапе наводно започнал преговори со францускиот шампион ПСЖ за продолжување на договорот, објавија француските медиуми, како и новинарот кој е експерт за трансфери, Фабрицио Романо.
„Сè уште ништо не е договорено, но претставници на Мбапе и на ПСЖ разговараат за продолжување на договорот. Најважни ќе бидат условите под кои ќе продолжи договорот, како и клаузулата за заминување од ПСЖ и висината на отштетата“, објави Романо.
Сега останува да се види реакцијата на Реал Мадрид, за кого медиумите шпекулираат дека веќе се договорил со фудбалерот идното лето да го облече Кралскиот дрес.
Актуелниот договор на Мбапе со ПСЖ му истекува идната година, а летово се случуваше вистинска драма во односите меѓу фудбалерот и клубот.
Мбапе ги извести челниците на тимот дека нема да потпише нов договор и дека уште оваа сезона ќе го носи дресот на ПСЖ, по што беше отстранет од првиот тим. Сепак, по слабиот старт на сезоната, Мбапе беше вратен во тимот.