Спалети ќе бара многу поголема агресивност и притисок од тоа што го бараше Манчини

Италијанската фудбалска репрезентација ги прави последните тренинзи пред утрешното патување во Македонија, каде што в сабота ќе игра на арената „Тодор Проески“, во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024.

За Лучано Спалети ова ќе биде деби на селекторското место, а италијанските медиуми најавуваат дека со новиот предводник очекуваат Аѕурите дa бидат поагресивни на теренот. Спалети ја задржа формацијата 4-3-3 со која играше Италија и под водство на претходниот селектор Роберто Манчини. Сепак, „Газета дело спорт“ анализира дека има многу различности кога се работи за тактиката и начинот на игра.

Италија со Спалети ќе треба да притисне поагресивно кога противникот ќе ја има топката. Ако Манчини во дефанзивата се трансформираше во 4-5-1, со Спалети тоа ќе биде 4-4-2 за да можат двајцата офанзивци да создаваат притисок над противничките бекови кои ќе треба да ја изнесат топката од опасната зона. На тој начин, противникот на Италија ќе има помали шанси за создавање опасни напади.

Во средниот ред „новата“ Италија ќе игра само со еден плејмејкер, а не како претходно, кога Жоржињо и Верати беа главни на средината на теренот.

И менаџирањето надвор од теренот ќе биде различно. Манчини имаше ангажирано психолог за да се олесни дијалогот со фудбалерите. За разлика од Манчини, Спалети не сака да има „посредници“ во дијалогот со играчите. Новиот селектор повеќе ќе му верува на легендарниот Џиџи Буфон, кој е ангажиран како шеф на делегацијата, но ќе биде задолжен и да го подигнува расположението кај фудбалерите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести