Започнува новата сезона во Супер лигата: Е. Пелистер го брани тронот, Алкалоид и Вардар со шампионски амбиции

Со натпреварот меѓу Скопје и Алкалоид (19 часот), денеска започнува новата сезона во ракометната Супер лига на Македонија. Екипите во првиот дел од сезоната ќе бидат поделени во две групи со по осум екипи, по што напролет ќе се игра плејофот за титулата, како и плејаут за испаѓање од Супер лигата.

Титулата ќе ја брани Еурофарм Пелистер кој летово направи големи промени во тимот, а ќе биде македонски претставник во Лигата на шампионите.

Најсериозни конкуренти на Е. Пелистер за титулата ќе му бидат Алкалоид и Вардар.
Алкалоид минатата година го освои второто место и ќе игра во Лигата на Европа, а сезонава тимот кој го тренира Кирил Лазаров ќе се обиде да се искачи едно скалило погоре.

За таа цел беа донесени неколку засилувања. Минатата година, токму Алкалоид го реши шампионот бидејќи го совлада Вардар во салата во Автокоманда и им овозможи на Црвено-црните и Е. Пелистер, во меѓусебен дуел во Битола да решат кој ќе го крене шампионскиот пехар.

Големи промени летово имаше и во Вардар, во пензија заминаа Стојанче Стоилов и Борко Ристовски, кои остануваат во Црвено-црното семејство со нови улоги. Пикерот започна тренерска кариера и му е помошник на Владо Недановски, додека сега веќе поранешниот голман е прв оперативец на тимот.

Вардарци сезонава нема да играат во европските купови, но иако со видно реновиран и подмладен тим во однос на минатата сезона, веќе го освои првиот трофеј, славеше над Е. Пелистер во Супер купот.

И останатите екипи во Суперлигата ќе се обидат да направат исчекор во однос на минатата сезона. Охрид освен што се засили на играчки план, на клупата го донесе Стевче Алушовски, а свои сметки имаат и Тиквеш, Пролет, Бутел…

 

- Оглас -

Најнови вести