Припепчанецот Бојан Димоски, по победата над Малта од 2-0, смета дека клуч на триумфот бил рано постигнатиот гол за водство и истакна дека репрезентацијата на последните два меча реагирала како што треба по катастрофата против Англија во претходниот квалификациски прозорец.
„Пристапот беше најбитен, тешко е да се игра со вакви репрезентации, но добро почнавме, рано го отворивме резултатот, што беше многу важно, покажавме карактер и квалитет и заслужено дојдовме до победа. Во денешно време сите играат фудбал, знаевме дека ќе биде тешко, но на крајот се покажа нашиот тимски дух и квалитет. Имаме спој на младост и искуство, нова енергија, по поразот од Англија бевме свесни дека мора да поправиме нешто, во добро светло се покажавме на овие два меча, одиме чекор по чекор, се надевам дека и на следните натпревари ќе продолжиме вака“, рече Димоски, фудбалерот на рускиот Акрон Тољати.
Исник Алими, кој игра за романскиот клуб Сепси, дебитираше за Македонија на мечот со Италија, а синоќа за првпат беше стартер.
„Повикот ме изненади, не очекував, со многу задоволство прифатив и дојдов, сите ми помогнаа за брза адаптација. Против Италија се чувствував супер и резултатот беше одличен. И овој меч со Малта е посебен за мене бидејќи првпат бев стартер во националниот тим, победата дава дополнителен шарм на моето деби како стартер, бев комотен во играта, на терен како да се знаеме долго време, им благодарам на сите што ме прифатија“, вели Алими.