Вардар знае како се победува против Рајн-Некар, но овојпат не е фаворит

Македонскиот првак Вардар вечерва го игра првиот меч во 2019 година во рамките на Лигата на шампиони. „Црвено-црните“ гостуваат во Германија кај Рајн-Некар Левен, во дербито на 11-тото коло. Вардарци моментно се на второто место со 13 бодови, а германскиот тим има 12 бодови, колку што досега освоија и Кјелце и Веспрем. Убедлив лидер во групата е Барселона.

Дуелите меѓу Вардар и Рајн-Некар веќе петта сезона по ред се редовни во групната фаза од ЛШ. Нашиот првак е поуспешен и досега има шест победи и едно реми, додека Германците се радувале само двапати. Сепак, денеска фаворитската улога е за домаќинот.

Вардар ќе биде без повредените Вуко Борозан и Рожерио Мораеш, додека во редовите на Рајн-Некар ќе отсуствува Гудјон Валур Сигурдсон, кој се повреди за време на Светското првенство.

„Тежок меч е пред нас. Рајн-Некар е одличен тим и тоа ќе биде добар тест за да видиме колку сме подготвени. Имаме проблеми со повредени играчи и овој меч е во лош момент за нас. Традицијата не е важна, едноставно треба да се фокусираме на нашата игра. До крајот на групната фаза имаме уште четири меча и мора максимално да бидеме подготвени на секој од нив“, рече тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

Во првиот дел од групната фаза Вардар во „Јане Сандански“ славеше против германскиот ривал со 29:27.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести