Македонија и Ерменија во 15 часот ќе го одиграат меѓусебниот пријателски натпревар во Струмица, а според најавите на двајцата селектори, репрезентациите ќе истрчаат со комбинирани состави.
Македонија се очекува да започне со класична 4-3-3 формација, во која на голот ќе биде Дајман Шишковски, а пред него во одбранбената линија Манев и Серафимов на стоперската позиција, Иљазовски десно и Димоски лево. Средниот ред треба да го сочинуваат Атанасов, Алими и Елмас, додека задолжени за постигнување голови ќе бидат Дориев, Чурлинов и Ристовски.
Слична, можеби малку подефанзивна формација се очекува да изведе селекторот на Ерменија, Олександр Петраков. Натурализираниот српски голман Огњен Чанчаревиќ се очекува да започне меѓу стативите. Во одбраната Арутиунијан, Восканјан, Мкртчјан и Тикнизијан, во средината капитенот Спертсјан, Иву и Дашјан, додека во нападот најистурени се очекува да бидат Зеларајан и Бријаско, а веднаш зад нив и поранешниот фудбалер на Вардар, Барсегјан.