Фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години ќе игра во елитните квалификации за пласман на Европско првенство откако во последното коло од воведните квалификации ремизира со Казахстан (1:1).
Младите фудбалери го освоија второто место во групата 5 со четири освоени бода. Избраниците на селекторот Тони Јакимовски во првото коло ја совладаа Полска со 2:0, потоа во второто коло загубија од Германија, која го освои првото место со 3:1, и денеска ремизираа со аутсајдерот Казахстан играјќи 1:1.
До голот кој ги однесе во елитните квалификации, младите фудбалери дојдоа во завршницата, поточно во 81-вата минута. Стрелец на голот за Македонија беше Зенделовски. Казахстанците поведоа во првото полувреме преку Мухаметканов во 25-тата минута.
Голем удел во освојување на второто место во групата имаше и Германија, која одигра 3:3 против Полска, и тоа постигнувајќи гол во финишот. Голот за реми на Германците го даде Пејчиновиќ во 83-тата минута.
Полјаците по првото полувреме водеа со 2:1 со головите на Нсангу и Драхал, а потоа водеа и со 3:1 по вториот гол на Драхал, но младите Германци успеаја да дојдат до реми. Кратенмахер во 22-рата и Пејчиновиќ со два гола во 59-тата и 83-тата минута донесоа реми за Германија и ја однесоа Македонија во елитните квалификации за ЕП.