Пред 10 години, Хесе Родригес важеше за играч кој треба да биде иднина не само на Реал Мадрид туку и на шпанскиот фудбал. Ги помина младинските категории на Кралскиот клуб, а во 2014 година дебитираше за сениорскиот состав. За Реал Мадрид одигра 94 меча, во кои постигна 18 гола и 15 асистенции, а се радуваше на по една титула во Примера дивисион, Кралскиот куп, Светско клупско првенство и две титули во Лигата на шампиони.
Хесе во Реал беше кога царуваа Кристијано Роналдо, Герет Бејл и Иско, па немаше многу шанса да се докаже. Токму затоа Реал реши да го продаде во Пари Сен Жермен за сума од 25 милиони евра. Од тука почнува падот на Хесе. Во дресот на ПСЖ даде само два гола, а поголем период помина како позајмен играч, и тоа во Лас Палмас, Бетис, Стоук и Спортинг.
Пред две години му истече договорот со ПСЖ, а потоа реши да продолжи во Лас Палмас. Потоа потпиша за Анкарагучу, а откако и таму не се снајде, замина во Сампдорија. Тимот од Џенова испадна од Серија А, а Хесе си замина од италијанскиот тим.
Летоска потпиша договор со новиот член на првата бразилска лига, Коритиба. За три месеци поминати во тимот одигра помалку од 100 минути во шест средби, а Коритиба не успеа да обезбеди опстанок. Откако стана јасно дека Коритиба нема да опстане во лигата, Хесе доби отказ, а со тоа стана и фудбалер кој за помалку од шест месеци со двата клуба за коишто играше испадна од лигите.