Со Хендрикс одиме на победа против Романија

Сениорската машка репрезентација на Македонија за една недела, на 21-ви февруари, ќе го одигра последниот натпревар во рамките на втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2021, гостувањето кај Романија во Плоешти. Селекторот Јорданчо Давитков денеска го објави списокот на кандидати за настап на ова важно гостување, а новина во однос на мечот со Косово е камбекот на Ричард Хендрикс, на местото на Шејн Витингтон како натурализиран репрезентативец на нашиот национален тим.

Давитков на списокот на кошаркари кои треба да се појават в сабота на првата прозивка закажана во 17 часот ги стави: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Марко Симоновски, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Љубомир Младеновски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко и Ричард Хендрикс.

Ова се играчи на кои Давитков најмногу им верува и најчесто ги вика во последните циклуси. На дуелот во Плоешти, Македонија треба да победи или да загуби со помалку од 14 разлика за да се пласира во квалификациите за Евробаскетот 2021. Во квалификациите ќе учествуваат 32 најдобри тима од Европа, а на континенталниот шампионат ќе играат 24 репрезентации.

Одложувањето на Купот им даде можност на сите репрезентативци од домашните клубови порано да се појават во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ и подолго време од предвиденото да тренираат заедно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести