Исланѓанец ќе биде нов селектор на хрватската ракометна репрезентација

Еден од најдобрите тренери на денешницата, Дагур Сигурдсон, ќе биде нов селектор на хрватската ракометна репрезентација откако по катастрофалниот настап и освоеното 11-то место на ЕП, отказ доби Јосип Перковац, објавија медиумите од оваа земја.

Педесетгодишниот Исланѓанец денеска пристигнал во Хрватска на преговори, кои според медиумите, успешно завршиле и Сигурдсон наскоро се очекува да стане првиот странец кој ќе седи на клупата на најуспешната хрватска спортска репрезентација.

Сигурдсон по играчката кариера, заплови во тренерските води и стана еден од најдобрите тренери на денешницата, беше селектор на Австрија, а пред да добие можност да биде селектор на Германија, шест години го предводеше бундеслигашот Фуксе Берлин. Со селекцијата на Германија во 2016 година триумфира на Европското првенство и го освои бронзениот медал на Олимписките игри кои се одржаа истата година во Рио де Жанеиро, Бразил.

Од 2017 година беше селектор на Јапонија, но најде заеднички јазик со Федерацијата за спогодбен раскин на договорот за да може да седне на селекторското столче на Хрватска.

Дебито како селектор на Хрватска, Сигурдсон ќе го има на квалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри кои ќе се одржат во Париз, а противници на Коцкестите ќе им бидат Германија, Австрија и Алжир. Пласман на ОИ во Париз ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции.

- Оглас -

Најнови вести