Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, утре ги почнува мини-подготовките за двата квалификациски натпревари за Евробаскетот 2025, а селекторот Александар Јончевски на располагање нема да го има Војдан Стојановски.
Капитенот кој е најискусен во составот и лидер на националниот тим, има повреда на задната ложа, здобиена на завршницата од Купот на Македонија. Утре треба да оди на прегледи за прецизна дијагноза, но се очекува да паузира минимум две недели, што значи дека е отпишан за дуелите со Естонија на 23-ти февруари во Скопје и на гости со Полска на 26-ти февруари.
Особено важен е оној меч со Естонија, која ни е директен ривал за место на ЕП, бидејќи Литванија е фаворит во групата, а Полска има обезбедено учество на завршницата затоа што е еден од домаќините. Добри вести се враќањето на Дамјан Стојановски и појавувањето на Ненад Димитријевиќ, па ќе се обидат го покријат отсуството на Војдан.