Костоски ја заврши репрезентативната кариера, се бара 12-ти играч

Плејмејкерот Александар Костоски, кој требаше да биде дел од националниот тим на Македонија на гостувањето во четврток во Плоешти, каде што „црвено-жолтите“ ќе играат клучен меч со Романија за место во квалификациите за Евробаскетот 2021, ја изненади јавноста со одлуката дека ја завршува репрезентативната кариера.

Тој својата одлука му ја соопштил и на селекторот Јорданчо Давитков, па сега во репрезентацијата треба да се најде замена. Костоски, кој беше резерва на последниот меч со Косово, смета дека доволно дал за тимот и според моментната форма, подобро е да се пензионира и да остави простор за останатите.

На денешниот претпладневен тренинг се појави Кристијан Николов, но мали се шансите тој да игра в четврток бидејќи ФИБА треба да му дозволи да игра за родната земја, откако претходно Николов реши да земе турски пасош и се откажа од македонското државјанство.

Проблем се појави и со Давитков, кому веднаш по пристигнувањето во Скопје му било јавено дека е сменет терминот за финалето на Катарскиот куп и в среда треба да се појави да го води својот тим Кадсија. Давитков треба да се појави во Плоешти на денот на мечот со Романија. Во Плоешти директно ќе дојде и натурализираниот Ричард Хендрикс. Американецот прв ќе пристигне во Романија и ќе ги чека своите колеги, меѓу кои треба да биде и Бојан Трајковски, иако центарот на Гостивар има проблем со коленото и не се знае колку ќе може да помогне.

Сите овие компликации ја разнишуваат репрезентацијата, но во мислите на играчите е само една работа, победа, со која Македонија ќе се врати меѓу 32-те најдобри во Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести