Компанијата „Топс“ го заменува „Панини“ како долгорочен партнер на УЕФА на Европското првенство, па албумот со самолепливи сликички за претстојното ЕП 2024 ќе биде со поинаков производител од тоа што беше со децении наназад.
Панини го задржа долгогодишниот договор за лиценцирање со ФИФА за Светско првенство, но Топс е биде новиот ексклузивен партнер на УЕФА за Европското првенство до 2028 година.
Тоа значи дека Топс ќе произведува сликички за ЕП 2024, како и за ЕП 2028, плус женското ЕП 2025 година и албумите поврзани со Лигата на нации.
Панини ја правеше секоја колекција на сликички за ЕП од 1980 година наваму, но тоа е прекинато.
Топс го потпиша Жозе Мурињо како официјален амбасадор за ЕП 2024, а една од улогите на Специјалниот беше тој да ги избере играчите што ќе влезат во албумот.
Не е објавен точниот датум на појавување во продажба на албумот и сликичките, но се очекува тоа да биде некаде во првата половина на април, што значи дека за неполн месец и колекционерите во Македонија би требало да имаат шанса да почнат со собирање.