Денешниот пораз од 0-2 дома од Шведска за фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година веројатно значи простување од каква било реална надеж дека може да се пласираат на Европското првенство.
Сивите дресови кои ги носеа избраниците на Драган Канатларовски се само потврда за македонското фудбалско сивило периодов, кога немаме никакви позитивни резултати на меѓународна сцена.
На стартот на овие квалификации, У-21 тимот на Македонија ја победи Шведска на гости со 1-0, но денеска загубивме дома од истиот тој ривал, и тоа со камата. За 90 минути игра, Македонија упати само еден шут.
Само со три постигнати гола на шест меча (исто толку има и последнопласираниот Гибралтар), дури и позитивно е што имаме шест бода во квалификациите за ЕП.