Веќе неколку дена се шпекулира кој ќе го замени Маурицио Сари на клупата на Челзи. Од старт се споменуваат Френк Лампард и Зинедин Зидан, но тоа се долгорочни планови кои засега се нереални, додека како привремено решение се споменува Џанфранко Ѕола, десната рака на италијанскиот стратег.
И покрај лошите резултати во изминатиов период, управата на клубот од Лондон нема донесено одлука околу иднината на Сари, а тој самиот смета дека може да си ја спаси работата само ако неговата екипа победи на следните три натпревари. Лесно е да се каже, но колку „сините“ со ваква форма и лоша атмосфера во соблекувалната можат да го остварат тоа што го бара нивниот тренер, ако се земе предвид дека во два од трите меча играат против Манчестер сити и Тотенхем.
„Ја разбирам фрустрацијата на навивачите, тие се навикнати да го гледаат овој клуб како победува. Јасно е дека сме во неволја, но има само еден начин да се спасиме од оваа ситуација, а тоа е да победуваме во континуитет. Поточно, треба да победиме на следните три меча за да го поправиме впечатокот. Ќе биде доста тешко, бидејќи ќе мора да играме на секои три дена во следните десетина дена. Не верувам дека мојот систем е проблем, но имаме уште многу работа за да се навикнеме на игра каква што сакам јас“, истакна Сари.
Првиот од клучните дуели е против Малме во Лигата на Европа (четврток, 21 часот), а Челзи по првиот дуел има предност од 2-1, што значи дека пласман во следната фаза е речиси завршена работа. Три дена подоцна следува финалето од Лига купот на Англија, каде што ќе се сретнат со Манчестер сити, кои пред неколку дена им го нанесоа најголемиот пораз (6-0) во Премиер лигата во историјата на клубот од „Стемфорд бриџ“. Во густиот распоред потоа ги чека дуел на домашен терен против Тотенхем во рамки од англискиот шампионат.
Познавајќи како Роман Абрамович ги решава проблемите во клубот кога работите не одат како што сите посакуваат, не му се пишува добро на Сари. Тренери како Мурињо и Конте добивале отказ набрзо по освојувањето на шампионска титула, но се чини дека ниту „чудо“ нема да биде доволно за банкарот по струка да се задржи на кормилото на шесткратниот англиски првак.