Креаторот на Бизнис лигата се надева на среќен и добитен хуманитарен тикет

Некогашниот кошаркарски репрезентативец на Македонија, Младен Ѓуроски, е човек чиј живот и понатаму е поврзан со спортот, а со голем успех веќе една и пол деценија ја води Бизнис лигата во мал фудбал.

Родениот гостиварчанец е горд на постојаниот раст на Бизнис лигата, која добива награди и како мост ги поврзува фудбалот и бизнисот.

БИЗНИС ЛИГАТА ПОСТОЈАНО СЕ ШИРИ, ДРУЖЕЊЕТО И РЕКРЕАЦИЈАТА СЕ ПОВАЖНИ ОД РЕЗУЛТАТОТ

„Бизнис лигата се одржува веќе 15-та година по ред, стана едно од најпрестижните аматерски натпреварувања во регионот, ја добивме таа награда трипати по ред. Идејата ја добивме од некогашниот претседател на Кошаркарската федерација на Босна и Херцеговина, Дино Конаковиќ, кој сега е министер за надворешни работи на БиХ. Тој таму држеше ваква лига, се видов со него и во неформален муабет, дојдовме на идеја со мојот партнер Филип Николовски“, раскажува Ѓуроски.

„Лигата ги руши сите рекорди, бројот на учесници постојано е од 24, па нагоре. Од старт знаевме дека има голем интерес, но не знаевме до каде може да се шири. На почетокот немаше стрим на интернет, текстови со извештаи, професионални фотографии, имаше и телевизиска емисија посветена на лигата, постојано се шириме, огромен проект е. Се играат по три меча дневно, од 19 до 22 часот, играат многу престижни компании од државава. Лигата прерасна во дружење, рекреација, фирмите ја препознаа идејата, се игра мирно, учесниците доаѓаат за забава и рекреација, а резултатот е на второ место. Меѓу другото, тука се остваруваат и бизнис контакти, не е само обично играње фудбал“, вели Ѓуроски.

ВО НЕГОВАТА СКИ-ШКОЛА ВО МАВРОВО, ДЕЦА, НО И ВОЗРАСНИ, МОЖЕ ДА НАУЧАТ ДА СКИЈААТ

Во зимскиот период, Ѓуроски често е во Маврово, каде што има своја школа.

„Мојата ски-школа во Маврово функционира четврта година, имаме 15 лиценцирани ски-инструктори, јас сум еден од нив, а жена ми е борд инструктор. Егзистираме таму цела сезона, од отворање до затворање на ски-центарот. Вршиме обука на дечиња на возраст од 6 години, па нагоре, нема горна граница, може и 70-годишни да дојдат ако сакаат да ги научат основите на скијањето. Наша задача е да научат да скијаат аматерски, ако забележиме некој голем талент, ги испраќаме во професионални клубови. Имаме направено добра приказна, родителите кои доаѓаат знаат дека детето е оставено во сигурни раце“, објаснува Младен, брат на актуелниот македонски репрезентативец во кошарка, Стојан Ѓуроски.

МЛАДЕН ЗА СЕБЕ НЕ МИСЛИ ДЕКА БИЛ УСПЕШЕН КОШАРКАР

Младен ги следи настапите на Стојан, но кошарката му е затворено поглавје.

„Како кошаркар мислам дека сум можел многу повеќе, не се чувствувам за некој којзнае колку успешен, иако сум играл во клубови како Југопластика, Борац Чачак, Хелиос, речиси сите домашни клубови, Работнички, МЗТ и другите, имам трофеи, бев репрезентативец, но тоа е затворено поглавје. Далеку сум од кошарката, немам ни некои тренерски амбиции. Нашата лига ја следам и Евролигата, другото не многу. Како играч од тоа што сум се вложил и тренирал, не сум направил некој успех, веројатно не сум бил премногу талентиран, сè што имам направено е направено со тренинг и работа. Тоа е затворено поглавје во мојот живот. Не сум од луѓето кои живеат во минатото и велат јас кога играв беше така и така. Гледам напред. Син ми не ни знае дека сум играл кошарка. Не се сметам за успешен кошаркар, сум можел многу повеќе, но околностите биле такви, тоа е вистината“, вели Ѓуроски, кој додава дека никогаш не работел за некој друг, туку постојано бил сам свој газда, се борел и наоѓал начини да заработува за живот.

Бројните обврски го спречуваат Ѓуроски почесто да биде дома пред телевизор и да гледа фудбалски натпревари, но сакаше да состави тикет за кој се надева дека ќе биде добитен и со задоволство парите од евентуалната добивка би ги донирал во хуманитарни цели.

„Фудбал гледам многу малку, немам некој омилен тим, едноставно обврските не ми дозволуваат, денот ми е исполнет. Работам три работи, некогаш и четири, и едноставно немам време да гледам. Признавам дека немам ни искуство со обложување, не сум играл никакви наградни игри, не знам каков прогнозер сум и дали имам среќа. Овој тикет кој го составив е повеќе на среќа и некаква интуиција“, заклучува поранешниот кошаркар, а сега успешен менаџер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести