Нов рекорд на Килијан Мбапе

Пари Сен Жермен извојува рутинска победа над Ним од 3-0, со головите на Кристофер Нкунку, и два на Килијан Мбапе, што за „светците“ е 22-ра победа во 25 кола во францускиот шампионат. На свој терен, на 14 меча, ПСЖ има постигнато дури 50 гола.

Двојниот стрелец Мбапе влезе во историјата на француската лига, како најмлад играч кој постигнал 50 гола. Мбапе сега има 51 погодок во францускиот шампионат, иако е на возраст од само 20 години, 2 месеца и три дена.

Досега рекордот го држеше некогашниот играч на Сент Етјен, Рашид Меклуфи од 1957 година, а во последните 50 години, најбрзо до 50 гола имаше стигнато легендарниот Јаник Стопира, со 21 година и 11 месеци, колку што имаше тој во 1982 година.

Мбапе своите 50 гола ги даде на 88 меча. Првиот гол го даде на 20 февруари 2016 година кога беше член на Монако и стана најмлад стрелец во историјата на клубот од кнежевството. Првиот хет-трик го даде на 18-годишна возраст, а сега за него не се зборува како за талент, туку како за веќе оформен играч кој има придонес и во освоената титула светски првак на Франција.

- Оглас -

Најнови вести