И кога победуваат, играчите му се лутат на Ковач

Баерн Минхен вчера минимално ја совлада Херта (1-0) со голот на Хави Мартинес и се израмни по бројот на бодови (51) со Борусија Дортмунд на чело на табелата. Сепак, тренерот Нико Ковач немаше многу причини да биде задоволен, се појави непосакувана повреда на Кингсли Коман кој според првите најави ќе отсуствува две до три недели, додека двајца фудбалери кренаа бунт против хрватскиот стратег.

Несреќниот Коман се повреди само девет минути по неговото влегување во игра. Во 58-та минута го замени Рибери, а искусниот Французин не се согласи со одлуката на Ковач да го напушти теренот толку рано и одби да се поздрави со него. По мечот, резервниот десен бек Рафиња, се пожали на медиумите дека Хрватот не е коректен со него.

„Во последно време тренерот не е коректен со мене. Тешко ми е да најдам мотивација за натпреварите и тренинзите кога тој чудно се однесува. Изгледа Хејнкес, Гвардиола и Анчелоти не се разбираат во фудбал, бидејќи кај нив играв, а кај Ковач цел втор дел од сезоната го проследив од клупа. Разочаран сум“, иронично изјави Рафиња.

Тешко е да ги задоволиш овие Баварци. Се бунеа кога работите не одеа во посакувана насока, а сега кога повторно се во игра за шампионската титула и се познава очигледен напредок на екипата, фудбалерите повторно му најдоа мана на Ковач.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести