Почетничка грешка на Сијакам, па луда тројка на Бостон и победа на домаќините по продолжение (Видео)

Неверојатно драматичен беше првиот меч од финалето на источната конференција во НБА плејофот, а на крајот кошаркарите на Бостон се радуваа на триумф против Индијана со 133:128, и тоа дури по продолжение од пет минути.

Бостон, кој ја има предноста на домашен терен, одлично започна и поведе со 12:0, но Индијана до крајот на првата четвртина намали само на три негатива (34:31). Во текот и на втората четвртина Бостон најчесто имаше предност, но на полувреме се замина со нерешено 64:64.

Индијана првпат поведе на почетокот на третиот дел, но потоа Бостон со добра игра стигна и до највисока предност од 13 разлика (90:77). Следуваше контра удар на Индијана која поведе со 95:94 и тоа беше најава дека ќе има драматична завршница.

Гостите водеа со 117:114, кога Бостон утна напад и на 10 секунди топката беше за Индијана. Тогаш Паскал Сијакам направи несфатлив потег кога топката одеше во аут, а тој ја допре и наместо аут за Индијана, беше доделена топка за Бостон на 8,5 секунди до крајот.

Браун ја презеде одговорноста да шутира за три поени, и тоа од тешка позиција, но погоди и израмни на 117:117. Останаа 5,7 секунди до крајот, но Индијана не погоди и мечот отиде во продолжение, каде што психолошката предност беше на страната на Бостон и со серија од 8:0 стигна до 129:123 за конечна победа на крајот од 133:128.

Џејсон Татум со 36 поени беше прв стрелец кај Бостон, а Холидеј додаде 28 поени. Херојот на мечот беше Браун, кој даде 26 поени, седум скока и пет асистенции, но тој ја погоди тројката на 5,7 секунди до крајот, кога израмни и донесе продолжение за неговиот тим, па на крајот Бостон поведе со 1:0 во серијата на финалето на Истокот.

Кај Индијана, Халибартон со 25 поени и 10 асистенции и Мајлис Турнер со 23 поени и 10 скока беа најзабележителни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести