Фудбалската репрезентација на Македонија во јунскиот прозорец на ФИФА ќе одигра два контролни натпревари против репрезентации кои се подготвуваат за настапот на Европското првенство во Германија, Хрватска и Чешка. Токму дуелот против бронзената селекција од последното Светско првенство е голема мотивација за фудбалерите, а тоа го истакнува и нашиот дефанзивец Јован Манев.
„Среќен сум што сум заедно со соиграчите и стручниот штаб. Кога се игра против репрезентации како што се Хрватска или Чешка, селекции кои се подготвуваат за Европското првенство, мотивацијата е на највисоко ниво. Се надевам дека ќе бидат одлични тест-натпревари за нас, за предизвиците кои нè очекуваат во септември. Кога се игра за репрезентација, не постои штедење, фокусот е присутен постојано и кога сме на собир, друга поважна работа нема. Сите тука сме со една цел, да постигнеме добар резултат“, вели Манев.