Потоп во Франција по заминувањето на Мбапе, никој не сака да ги купи ТВ-правата за Лига 1

Заминувањето на Килијан Мбапе од ПСЖ не им донесе проблеми само на Светците, туку и на целата француска лига.

Имено, челниците на Лига 1 имаат проблеми со пронаоѓање купувач на телевизиските права и тоа поради Мбапе. Според весникот „Ле Паризиен“, челниците на Лига 1 се во паника бидејќи немаат сопственик на ТВ-правата, а новата сезона ќе започне за два месеца.

Дека работата е критична, пишува весникот кој открива дека и францускиот претседател Емануел Макрон се ангажирал во пронаоѓање решение и лично интервенирал кај катарскиот емир за телевизијата Беин Спортс да ги купи ТВ-правата за Лига 1.

Но, Макрон бил одбиен со образложение дека заминувањето на Мбапе драстично го намалило интересот за Лига 1 и дека сумата која челниците на лигата ја бараат е превисока. Таа сума изнесувала 700 милиони евра по сезона, а претседателот на Лига 1, Венсан Лабрун, добивал одговори дека кога го нема Мбапе, телевизиите не сакаат да платат ниту половина од бараната сума.

За тоа колку е критична ситуацијата, покажува уште еден податок. Според „Ле Паризиен“, финансискиот директор на Лига 1, Жан-Марк Микелер, писмено ги известил сите клубови од првата лига да бидат внимателни во летниот преоден рок сè додека не се потпише договор за ТВ-правата.

Челниците на Лига 1 се подготвуваат и за најцрното сценарио – да не ги продадат ТВ-правата и веќе работат на креирање на независна стриминг-платформа на која би се пренесувале мечевите, но така клубовите нема да имаат заработка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести