Фудбалската репрезентација на Македонија после поразот од Хрватска (3-0) се подготвува и за вториот контролен натпревар во јунскиот прозорец на ФИФА. Наш противник ќе биде уште еден учесник на Европското првенство, Чешка.
Дуелот против чесите ќе се одигра во понеделник во Храдец Кралове, а очекувањата од овој меч ги изнесе нашиот репрезентативец, Бојан Димоски.
„Мора да ја поправиме тактичката дисциплина, да играме поодговорно, посебно кога играме против репрезентации кои се на многу високо ниво. Знаеме каква репрезентација е Чешка, добро ја анализиравме. Ова за нив ќе биде последен контролен натпревар пред Европското првенство. Знаеме дека ќе влезат максимално во мечот како да се работи за натпревар од Европското првенство. За нас ова е последен контролен натпревар пред Лигата на нации. Ние си имаме свои цели, секако дека ќе одиграме максимално и се надевам дека ќе дојдеме до позитивен резултат. Во минатото покажавме дека знаеме да се носиме со посилни репрезентации, како што беа Англија и Италија. Секако дека можеме да играме и против Чешка, иако се работи за силна репрезентација, физички добро се подготвени, но и ние имаме добри страни кои се надевам дека ќе ги искористиме за да дојдеме до поволен резултат.“ – вели Бојан Димоски.